Европската унија побара од Грузија да го повлече својот контроверзен закон за „странски агенти“ и предупреди дека потегот би претставувал чекор наназад во амбициите на Тбилиси да се приклучи на блокот.
„Усвојувањето на овој нацрт-закон ќе има негативно влијание врз напредокот на Грузија на патот кон членство во ЕУ. Изборот за напредок е во рацете на Грузија. Бараме од грузиските власти да го повлечат законот“, се вели во заедничката изјава на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борели и европскиот комесар за проширување Оливер Вархеј.
Пратениците во грузискиот парламент вчера го одобрија третото и последно читање на контроверзниот нацрт-закон за странски агенти, чија цел е да се ограничи влијанието на организациите финансирани од странство.
Во заедничкото соопштение се нагласува дека ЕУ во неколку наврати јасно кажала дека духот и содржината на текстот на законот не се во согласност со суштинските норми и вредности на блокот и дека тоа ќе ја поткопува работа на граѓанското општество во независни медиуми. Во соопштението се потсетува дека слободата на собири и слободата на говор се основни права и дека тие се во центарот на обврските на Грузија како дел од Договорот за асоцијација и патот кон членство во ЕУ.
Текстот првично беше доставен до парламентот во февруари минатата година, но беше повлечен по неколкумесечни протести и притисок од западните земји.
По ревизијата на текстот, терминот „агент со странско влијание“ беше заменет со „организација што ги унапредува интересите на странска сила“, додека остатокот од нацртот остана непроменет.
Пратениците претходно го усвоија текстот во прво и второ читање. За да стапи во сила, текстот мора да го надмине и ветото што претходно го најави грузискиот претседател Саломе Зурабишвили.