Поради топлотен бран во земјава денеска и утре бремените жени и лицата на возраст над 60 години се ослободени од работните обврски, децата во градинките не смеат да имаат физички активности од 11:00 до 17:00 часот, приватниот сектор треба да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, а се препорачува и избегнување престој на отворено од 11:00 до 17:00 часот.
Овие препораки беа донесени на вчерашната седница на Владата откако УХМР ги информираше институциите дека денеска и утре територијата на целата држава ќе биде зафатена од високи температури – портокалова фаза.
Температурите на повеќето места ќе бидат над 35 степени, а во југоисточните подрачја и над 40 степени.
Како што соопшти УХМР, за време на викендот времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи, а ќе има услови за изолирана појава на краткотрајно невреме. Температурите значително ќе се намалат.