Ултрадесничарот, масовниот убиец Андерс Брејвик (44), кој уби 77 луѓе во 2011 година во масовно пукање на норвешкиот остров Утоја, има намера денеска да побара од судот во Норвешка да му ја укине изолацијата, но и да ја тужи таа земја за наводно ограничување на неговата комуникација со надворешниот свет.
Во 2011 година, Брејвик прво уби осум лица со автомобил во Осло, а потоа уби уште 69, главно тинејџери, во младинскиот камп на Лабуристичката партија на островот Утоја, што се смета за најголемото злосторство во Норвешка. Брејвик се наоѓа во затворот Рингерик со голема безбедност, 70 километри северозападно од Осло, а просторот што го користи има соба за вежбање, кујна, ТВ соба и бања, а му е дозволено да чува три папагали како домашни миленици кои слободно летаат во областа.
Адвокатот на Брејвик рече дека повеќе од една деценија во самица „без значајна интеракција“ имало разурнувачки ефект врз неговиот клиент, додавајќи дека Брејвик е самоубиствен и зависен од лекот за депресија „прозак“, кој го користи за да ги преживее затворските денови.
Адвокатите кои го застапуваат Министерството за правда велат дека Брејвик мора да биде одвоен од останатата затворска популација поради тековната безбедносна закана што ја претставува и дека неговата изолација е „релативна“ со оглед на неговиот контакт со чуварите, свештеникот, здравствените работници и до неодамна, надворешен волонтер, кого Брејвик повеќе не сака да го гледа. Брејвик гледа и двајца затвореници по еден час секоја втора недела.
Како што тврдат адвокатите, контролата врз контактите на Брејвик со надворешниот свет е оправдана со ризикот тој да ги инспирира другите да вршат насилни дејствија.
Тој ја тужеше Норвешка во 2016 година, тврдејќи дека ја прекршува Европската конвенција за човекови права, вклучувајќи делови во кои се вели дека никој не треба да биде подложен на „тортура или нечовечко или понижувачко постапување или казнување“.
Тој првично го доби случајот, но по жалбата беше укинат една година подоцна.