Популарниот музичар Горан Бреговиќ (73) заедно со неговиот „Оркестар за свадби и погреби“ ќе одржи концерт во Скопје.
Како што информираат од организацијата, станува збор за јубилеен и славенички концерт, кој ќе се случи на 23-ти март во спортскиот центар „Јане Сандански“.
– Славењето на 50-годишнината од основањето на најуспешната екс Ју рок група `Бјело дугме` рок легендата Горан Бреговиќ ќе го одржи во Скопје, со славенички концерт, кој е само еден ден по неговиот роденден“, истакнуваат организаторите, и информираат дека влезниците се пуштени во продажба.
Инаку, влезниците се продаваат по цени од 1.200 до 2.500 денари.
Од таму додаваат дека Бреговиќ најавил голем спектакл.
-Молам без подароци, поради тоа што вие сте мојот најголем роденденски подарок! Ветувам неверојатен музички спектакл, затоа што кој не полуди, не е нормален – и порача музичарот на македонската публика.
Со својот „Оркестар за свадби и погреби“ тој гостуваше во земјава во септември 2022 година, на Тиквешкиот гроздобер во Кавадарци. Таму дојде како замена на Јелена Карлеуша, бидејќи откако таа беше најавена како главна музичка ѕвезда, граѓаните реагираа до општинската управа, и побараа нејзиниот настап да биде откажан, бидејќи не била соодветен избор за манифестацијата која е посветена на лозарите и винарите.
Вики Клинчарова