Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва е буден и добро се опоравува по двете операции, вклучително и дренажа на хематом во главата, соопшти денеска неговиот кабинет.
Како што се додава, тој зборува нормално и може да јаде, додека се очекува во текот на денот да биде пуштен од одделот за интензивна нега на болницата во Сао Паоло, каде што беше опериран, пренесува „Ројтерс“.
Неговиот лекар Роберто Калила рано утринава објави дека Лула бил подложен на втора операција за да се спречи нов мозочен удар.
Тој беше подложен на краниотомија во понеделникот во Сао Паоло за да се исцеди хематом поврзан со пад во резиденцијата на 19 октомври, според медицинската белешка објавена од владата.
Се очекува тој да се врати во Бразилија на почетокот на следната недела, а дотогаш претседателските должности ќе ги извршува потпретседателот Гералдо Алкмин.