Матеус Еванжелиста од Бразил и Каролин Жуис од Франција се победници на 37. Охридски пливачки маратон што денеска се одржа во Охрид.
На бразилецот Еванжелиста за да ја преплива 25 километри долгата патека „Климе Савин“ од Свети Наум до Градското пристаниште во Охрид му беа потребни 5 часа и 45 минути, додека кај жените победничката Жуис патеката ја мина за 5 часа и 46 минути.
Денешниот победник, кој во 2015 година ја заврши трката во Охрид како вторпласиран и третопласиран година подоцна, рече дека воопшто не било лесно да се плива денеска на Охридското Езеро и дека временските услови во поголемиот дел од трката биле неповолни со силен ветар во спротивна насока и бранови.
Втор во машка конкуренција патеката ја мина Марсел Шутен од Холандија, додека третопласиран и најдобар кај нашите пливачи денеска беше Евгениј Поп Ацев.
Втора кај жените беше Мајте Пука од Аргентина, додека третопласирана на целта беше Инес Делакроа од Франција, на која ова и е прв настап на маратонот на Охридското Езеро.