Бразил ја отфрли помошта од Г7 за борба против пожарите во Амазонија

by Fokus

Бразил ја отфрли помошта што ја понудија земјите од Г7 за борба против пожарите во Амазонија, изјави висок официјален претставник на Бразил, притоа повикувајќи го францускиот претседател Емануел Макрон да се занимава со своите колонии.

– Се заблагодаруваме (на Г7 за понудената помош), но тие средства ќе бидат повеќе потребни за пошумување на Европа, напиша Оникс Лоренцони, шеф на кабинетот на  бразилскиот претседател Жаир Болсонаро во блог на информативниот портал Г1.

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера рече дека земјите на Г7 ќе издвојат 20 милиони долари за борба против пожарите во Амазонија.

– Макрон дури не успеа да избегне предвидлив пожар во црква која е дел од светско наследство, а сака да дели лекции на нашата земја, рече Лоренцони, алудирајќи на пожарот во Нотр Дам во Париз на 15 април.

Тој додаде дека Макрон има „многу работа дома и во француските колонии“.

– Бразил е демократска земја, слободна и никогаш немала колонијалистичко и империјалистичко однесување како што тоа можеби е и целта на Французинот Макрон, рече Лоренцони.

Претходно, бразилскиот министер за екологија Рикардо Салес оцени дека предложената помош би била добродојдена.

Меѓутоа, бразилскиот претседател Болсонаро подоцна се состана со неколку министри и ја смени реториката.

– Никому не му е потребна нова иницијатива за Амазонија, рече бразилскиот шеф на дипломатијата Ернесто Араухо, притоа укажувајќи дека веќе постојат механизми под покровителство на Конвенцијата на ОН за финансирање на борбата против уништување на шумите и пошумување.

Лидерите на Групата седум најразвиени земји во светот вчера се согласија веднаш да финансираат фонд од 20 милиони американски долари за да им помогнат на земјите од регионот на Амазонија во борбата со шумските пожари и да започнат долгорочна глобална иницијатива за заштита на прашумите.

Сателитите досега забележаа повеќе од 41.000 пожари во регионот на Амазонија оваа година, од кои повеќе од половина избувнаа овој месец. Експертите велат дека најголем дел од пожарите се предизвикани од земјоделците кои го расчистуваат земјоделското земјиште.

Поврзани новости