Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, останува на ставот дека лидeрската средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски била потребна, успешна и дека донела добри резултати. Во гостувањето во „360 степени“, Ковачевски неколкупати повтори дека ВМРО-ДПМНЕ го променила ставот за уставните измени, но и дека се прифатени сите нивни барања.
-Гледајќи го дискурсот на ВМРО-ДПМНЕ, сфатив дека тие сакаат да бидат дел од власта, дел од процесот и сметав дека треба да се понуди едно широко обединување на политичката сцена бидејќи процесот на евроинтеграции е широк, за сите граѓани, и затоа понудив ВМРО-ДПМНЕ да е дел од Владата – прво да го отвориме Уставот со две третини, ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата, и тоа 50 проценти од министерските места што ги има СДСМ да ги отстапи на ВМРО-ДПМНЕ. Сметам дека тоа е најфер, братски, пола-пола, за да може да види народот дека се работи за искрена намера – рече Ковачевски.
Прашан за разликата во ставовите меѓу ВМРО-ДПМНЕ, од каде што бараат уставните измени да важат одложено – од приемот на земјава во ЕУ, и ДУИ – од каде што велат дека се подготвени да не бидат дел од владата откако ќе се изгласаат и ќе стапат на сила уставните измени, премиерот одговори дека најголемата разлика ја гледа во промената на реториката во ВМРО-ДПМНЕ во однос на „бугаризацијата“.