Лидерот на БЕСА и воедно пратеник Биљал Касами во Антикорупциската комисија на свое име пријавил само побарување од 2,6 милиони денари по основ на даден заем во 2016 година и два банкарски депозити, без да го открие нивниот износ. Но, на име на родителите пријавил земјиште и куќа од 537 квадратни метри вредна 8 милиони денари и неколку побарувања по основ на заем, основачки влог и добивка.
Врз основа на официјалните податоци од надлежните институции, неделникот Фокус пишува дека Касами своевремено бил дел од сопственичката структура на компанијата „Нетам Керамикс“, формирана во 2006 година за трговија со метална стока, бои и стакло, која била ликвидирана во 2009 година. Во меѓувреме, членови на семејството Касами се поврзуваат со други тетовски компании.
Така, неговиот татко Меваип Касами и неговиот брат Бедри Касами ја поседуваат компанијата „Љум Керамикс“, формирана исто така за метали, бои и стакло во 2009 година, кога всушност била ликвидирана „Нетам Керамикс“. Братот на Касами-Бедри, пак, истовремено се јавува и како косопственик на „Б.А.Н. Корпоратион“, основана во 2016 година за трговија со стакло и порцелан.
Инаку, негов партнер во оваа компанија е Насер Рушани, чие име се сретнува како донатор на БЕСА за предвремените парламентарни избори во 2016 година. Според извештајот на донатори доставен до Државниот завод за ревизија и други институции, БЕСА вкупно собрала донации од вкупен износ од над 4 милиони денари, а споменатиот Рушани донирал 55.000 денари.
Ако Касами порано директно бил дел од бизнис-сферата, неговиот близок соработник Аријанит Хоџа, кој е генерален секретар на БЕСА и воедно министер за земјоделство, моментално поседува приватна компанија. Тој ни изјави дека се работи за негова сопствена фирма основана во 2009 година за аквакултура, односно производство на риби. Имено, се работи за друштвото „Фреш Фиш“ со седиште во селото Вруток, Гостивар.
Но, според податоците од Централниот регистар, министерот Хоџа фигурира и како (ко)косопственик и на компанијата со слична дејност „Розафа“, која била формирана во 2006 година. Сепак, оваа компанија се води како деловно неактивна од 2016 година наваму, со нула денари приходи и расходи, откако претходните години остварувала значитечни загуби.
Инаку, другиот косопственик на компанијата е Ѓерѓ Луца, кој поседува истоимена компанија во Црна Гора. Според податоците од црногорскиот регистар на трговски субјекти, Луца е еден од тројцата сопственици на друштво за трговија на големо со храна со назив „Розафа“, регистрирана во црногорскиот град Бар во 2002 година.
Целата сторија за имотната состојба на политичките лидери, нивните семејства и соработници прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Влатко Стојановски