Горан Јовановски, брат на Мартин (30) кој во саботата попладне исчезна во водите на плажата ,,Мити” во Посеиди, Халкидики, се огласи од Америка, каде се наоѓа моментално.
За ,,Фокус” тој вели дека им потребна помош во потрагата по неговиот брат, како од македонските власти, така и од хуманите граѓани.
Појаснува дека според грчките закони, потрагата треба да заврши денес, по што Мартин ќе биде прогласен за исчезнат. Семејството верува дека тој е жив, и апелира за итна помош.
-Упатувам голема благодарност до ОФКАТ екипата спасувачи од Грција и до Генералниот конзулат во Солун кои изминативе три дена се заедно со нашето семејство во потрага на нашиот Мартин.
Мојата мајка и нашето семејство и пријатели се уште веруваме и се надеваме дека Мартин е жив и ја чека нашата помош. Затоа апелираме од македонската Влада и нашето МНР да помогнат да се најде начин да продолжи потрагата по Мартин, бидејќи според грчките закони потрагата од нив ќе заврши денеска, на четвртиот ден.
Затоа апелираме Владата да помогне и воедно молиме македонските граѓани да помогнат доколку се во можност, а за чија помош би можела Владата да организира некаква акција.
Не смееме да дозволиме да се откажеме се додека не се пронајде Мартин.
Ве молам апелот да стигне до сите кои би можеле да помогнат во овие исклучително тешки моменти за нашето семејство- ни изјави Јовановски.
Неговата мајка синоќа пристигна во Грција и порача дека верува како Мартин е жив.
Вики Клинчарова