Братот и сестрата на исчезнатата Лидија бараат полиграфско тестирање на две лица!

by Fokus

Од осми ноември надлежните институции не можат да ја пронајдат исчезнатата скопјанка Лидија Трајковска (43), која според сведоштвото на семејството, излегла од дома во раните утрински часови, без лични документи и мобилен телефон, по што и се губи траг.
Набргу по исчезнувањето, во повеќе наврати јавно се огласија членови на семејството на Лидија, односно нејзиниот сопруг со кого имаат три возрасни ќерки и внучиња, а за помош апелираше и една од нејзините ќерки.

Од МВР исто така во неколку наврати истакнаа дека се превземаат сите мерки за пронаоѓање на жената, и штом ќе имало нови детали во истрагата, јавноста ќе била информирана. Но, речиси два месеца нема никаков глас за случајот кој ја вознемири македонската јавност.

Денес пак, во редакцијата на ,,Фокус” се обратија Билјана, сестра на Лидија и нејзиниот брат Александар Јоциќ.

Тие безнадежно раскажуваат дека како времето минува, случајот паѓа во заборав, и само уште тие двајца останале секојдневно да ја бараат Лидија, додека нивните родители веќе немале сили и се соочиле со влошена здравствена состојба после сите настани.

-Јас секојдневно одам по течението на реката Вардар, сам ја барам Лидија, иако не можеме да тврдиме дека е во реката. За да ни се тргне тој сомнеж, ги молам институциите да ангажираат добро опремени нуркачи, да се провери коритото на реката детално!
Што ако навистина е во реката и телото е заглавено помеѓу гранки и секаков отпад кој се наоѓа внатре, во водата? Зарем треба само да чекаме сестра ми од некаде да се појави, и да кренеме раце од потрагата по неа? – прашува Александар.

Обвинува за недоволна ангажираност од страна на институциите, и на секое негово прашање околу истрагата добивал одговор дека се трага по Лидија, дека се собираат докази…

Исто така, апелира до надлежните во случајот, да извршат полиграфско тестирање над две лица, и тоа на сопругот на Лидија, но и на лице кое било во врска со неа, а чиј идентитет и бил познат на полицијата. (Во земјава полиграфското тестирање е доброволно, и ако испитаникот се согласи со истото, потпишува писмена согласност).

-На социјалните мрежи се пишуваат разни шпекулации и обвинувања и сакаме јавноста да ја дознае вистината и да се запре со ширење на невистини кои само дополнително ни отежнуваат.

Има бројни коментари да не ја бараме Лидија, бидејќи наводно побегнала со ,,кумот”. Такво нешто нема, ете го ,,кумот” кој всушност и не и е кум на сестра ми, овде е, никаде не е побегнат, а полицијата го знае неговиот идентитет.

Од страна на полицијата ни беше кажано дека имала врска со тоа лице, па еве јавно прашувам, во еден ваков случај, зошто тоа лице не се стави на полиграф? Зошто и сопругот на Лидија се уште не е ставен на полиграф? На сите до еден нека ни направат полиграфско тестирање, нека се дознае вистината веќе еднаш, бидејќи живееме во агонија – тврди братот на Лидија.

И нејзината сестра Билјана е со истиот став, да се изврши полиграфското тестирање врз лицето кое било во врска со Лидија, како и врз нејзиниот сопруг, за да можат да го тргнат секој евентуален сомнеж, но и за да ги запрат негативните коментари и шпекулации кои се прошириле во јавност.

-Ние, како сестра и брат на Лидија, не се откажуваме од потрагата по неа и секако, потрагата по вистината. До последен здив ќе бараме да дознаеме што и се случило! Родителите ни се разболеа, немаме сили, бараме, размислуваме за неа деноноќно, се бориме со ветерници цело ова време.

Но, сами ли да бараме? Нашите институции немаат ниту кучиња обучени за потрага по луѓе!

Мене лично од полиција ми имаат кажано дека најверојатно Лидија е во Вардар. Ако се сомневаат дека е таму, зошто не ја најдат? Сакавме да ангажираме стручни тимови од соседна Србија, да помогнат во пребарувањето на реката, ама нашите ни рекоа дека нема потреба од помош од страна. Штом нема потреба, зошто тие веќе 50 дена не можат да ја најдат? Што е тоа кое е поприоритетно од човечкиот живот? Нека се ангажираат масовно Тигрите и да бидеме на чисто околу тоа дали Лидија е во реката и што и се случило, низ солзи моли сестрата.

Додава дека заедно со брат и решиле да ја превземат целата иницијатива околу потрагата, самите да излегуваат во јавност, па и пред камери, и отворено да зборуваат за сите детали за случајот, бидејќи веќе се изгубило доста време.

-Кога имаме еден ваков случај, не би требало да се бара дозвола за полиграфско тестирање, тоа треба да биде нешто кое се подразбира. Секој кој бил близок со Лидија треба да биде тестиран! Вистината да се каже, кој што знае, кој што крие, сите да дознаат! Ние немаме што да криеме, само ја бараме нашата сестра, чие име гледаме дека се поретко веќе се спомнува во јавност.
Читам и за исчезнатата жена од Свети Николе, Злата, веќе шест месеци ја нема. Каде се овие луѓе, кој и како ги бара? Имаме ли потребен капацитет за да се решаваат вакви случаи? Ако немаме, тогаш треба да се бара помош од страна, затоа и од Србија сакавме да ангажираме нуркачи, порача Билјана.

Од МВР пак, последната информација за случајот беше објавена околу една недела по исчезнувањето. Тогаш соопштија дека било утврдено нејзиното движење, кога од Јурумлери се упатила кон пат кој води кон Драчево, и дека во близина на мост на реката Вардар биле пронајдени цигари и запалка, за кои нејзиниот сопруг потврдил дека се нејзини, но и џемпер, за кој сопругот кажал дека не е нејзин.

Подоцна, кога ,,Фокус” повторно побара нови детали за случајот, доколку евентуално ги има, одговорија дека е пребарана пошироката околина, а потрагата продолжувала се до пронаоѓање на лицето.

Вики Клинчарова

Поврзани новости