Првостепениот суд при определувањето на видот на кривичната санкција и одмерувањето на нејзината висина, во недоволна мера ги ценел олеснувачките околности кои постојат на страна на обвинетиот Ангелче Николов и му одредил превисока казна.
Ова сумирано се причините поради кои Апелациониот суд му ја намалил затворската казна од 18 на осум години на велешанецот Николов кој во декември минатата година под дејство на алкохол и возејќи побрзо од дозволеното, на пешачки премин ја усмрти 11-годишната Магдалена и ја повреди нејзината мајка, по што побегна од местото на настанот.
Апелација ја објави пресудата којашто ја донел на 12 јули и ја образолжува на повеќе од 10 страници.
Второстепениот суд кој донесе конечна одлука и ја намали повеќе од двојно затворската казна, образложува дека ја прифатил жалбата на обвинетиот во делот дека казната е превисока, а даденото признание на вина не го земал предвид за што Кривичниот суд сторил суштествена повреда бидејќи признанието било дадено доброволно и свесно и обвинетиот се извинил пред присутните во судницата, а со тоа придонел за побрзо и поефикасно завршување на постапката.
-Судот не ги земал во предвид ниту семејните прилики на истиот дека истиот нема оформено семејство, не е женет и дека има …….. години со што казната ќе му влијае на иднината, а првостепениот суд поголемо значење дал на отежнителните околности, а со оглед дека има загинат брат во сообраќајна незгода истиот е свесен за последиците кои се предизвикани на оштетените како и за психичката и физичката болка кои ја трпат за загубата на нивното дете, и истиот смета дека со изречена поблага казна ќе се постигне целта на казнувањето во иднина да не врши вакви или слични кривични дела, како и по однос на забраната за управување со моторно возило смета дека казната е превисоко определена, па истите ги прифати за основани, се вели во дел од образложението на пресудата.
Одбраната на обвинетиот, кој официјално е безимотен, невработен и повремено работел како надничар, во дел од жалбата наведува дека обвинетиот многу се кае за стореното, дека пред две години во сообраќајка загинал неговиот брат, а пред кратко време ја изгубил неговата мајка.
Според нивните тврдења, обвинетиот избегал од местото на несреќата и се криел повеќе од 30 часа, бидејќи од една страна не можел да и помогне на жртвата, а од друга страна се плашел од реакцијата на мајката на починатото дете, која исто така беше повредена во сообраќајката.
Апелациониот суд, сепак одлучил Николов да биде казнет со казна затвор во траење од осум години, како и казна-забрана на управување со моторно возило од „Б“ категорија во траење од 5-пет години, сметано од денот на правосилноста на пресудата, со тоа што времето поминато во затвор не се засметува во нејзиното траење.
Според нив, оваа пресуда воспитно ќе влијае врз обинетиот во иднина да не врши ваков и сличен вид на кривични дела, како и позитивно да се влијае на планот на генералната превенција, со што ќе се остварат целите на казнувањето.
Кога во март ја доби затворската казна во висина од 18 години за две кривични дела, „Тешки дела против безбедноста на луѓето“ и за „Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, од велешкиот Судски совет образложија дека судот не стекнал впечаток дека кај обвинетиот има искрено каење и жалење.
Олеснителни околности биле дека тој не бил кривично осудуван и бил безимотен. Претходните двапати, кога бил осуден за сообраќаен прекршок и му било забрането да управува со возило, укажувале дека изречените казни не влијаеле на него.
Инаку пресудата е донесена донесена од страна на апелацискиот Совет во состав – м-р Ѓоко Ристов, претседател на советот, м-р Лирие Елези Ајрулау, Лидија Зимбовска, Енвер Беџети и Енвер Амзаи, членови на советот, со записничар Емилија Петрушевска, судски советник.
За судиите Лирие Елези и Енвер Беџети, Судскиот совет пред извесно време констатираше дека неоправдано долго држеле клучни предмети во фиока, со што ги доведоа на чекор до застарување.
Драстичното намалување на казната на возачот предизвила гнев и бурни реакции во јавноста и негодување, а адвокатот, Јанаки Митровски кој го застапуваше семејството на девојчето коментира дека оваа одлука на Апелација шок за семејството и сол на рана.
-Судот е должен да цени признание на вина, но каење е предмет на проценка. На очиглед на сите, иако вербално искажано, кај обвинетиот немаше никакво каење, никаква емоција. Неговото ветување дека нема да го повтори делото, пак, малку што му значи на семејството. Лесна и земја на Магдалена. Пред некој ден загина млад човек чекајќи на пешачки и остави бебе сирак зад него. Сообраќајната култура во Македонија е на нула, возачки се земаат на жими мајка а државата игра улога исклучиво на пенализатор никако на едукатор и затоа сме каде сме. Господ нека ни е на помош!,напиша адвокатот.
Неверување и гнев искажуваат голем број на велешани денес, откако се објави веста дека затворската казна на Ангелче Николов (31) од 18 години е намалена на осум години затвор.
Фросина Факова-Серафиновиќ