Апелациониот суд во Букурешт денеска ја одложи екстрадицијата на инфлуенсерот Ендрју и неговиот брат Тристан Тејт во Велика Британија до разрешување на судскиот спор против нив во Романија и нареди нивно ослободување.
Според одлуката на судот, беше одобрено барањето за екстрадиција на браќата Тејт во Британија, но беше одложено до конечно разрешување на кривичната постапка против нив во Романија, пренесе Аџерпрес.
Одлуката на судот може да се обжали.
За време на судењето во Апелациониот суд во Букурешт, браќата Тејт рекоа дека не сакаат да бидат екстрадирани од Романија бидејќи, како што рекоа, земјата е нивен дом и сакаат да си го вратат угледот.
Браќата Тејт беа приведени во понеделникот вечерта, откако романската полиција постапи по двa европски налози за апсење издадени од судските власти на Обединетото кралство.
Инфлуенсерот Ендрју Тејт е приведен во Романија, а на него му е доставен налог за апсење издаден од британските власти, соопшти денеска неговиот портпарол Матеа Петреску.
Според неа, Ендрју (37) и неговиот брат Тристан биле приведени во понеделникот вечерта под обвинение за сексуално насилство во четири случаи во Британија во периодот од 2012 до 2015 година.
Во одделен случај во Романија, браќата Тејт беа обвинети за силување, трговија со луѓе и формирање криминална организација за сексуална експлоатација на жени.
Ендрју беше уапсен во близина на Букурешт во декември 2022 година, заедно со неговиот брат Тристан и две Романки.
Романските обвинители официјално ги обвинија четворицата во јуни минатата година и тие ја негираат вината.