Брајан Адамс доаѓа во Скопје, ќе пеел пред само 2.500 среќни луѓе!

by Fokus

Музичката ѕвезда Брајан Адамс (65) на 27-ми април доаѓа во Скопје и ќе одржи интимен концерт, со акустична програма, која ја изведувал само десетина пати во годината, како што појаснуваат од Авалон Продукција, само за негова душа.

Од организацијата на концертот, најавуваат вечер со глас, гитара, пијано и чиста емоција.

-Е, токму тоа ќе може да го доживеат само 2.500 среќни луѓе на 27-ми април во Скопје, на без конкуренција најексклузивниот и најголем музички настан оваа пролет во Македонија!

Поради типот на програмата, салата ќе биде редуцирана и сите влезници ќе бидат за седење, велат од Авалон за настанот кој ќе се одржи во СЦ Јане Сандански.

Цените на билетите за концертот ќе бидат објавени денес во 19 часот на платформите на Авалон.

Инаку, Брајан Адамс, кој по потекло е од Канада, активен е на сцената од 1975 година. Најголема популарност ширум светот доживеа во 1991 година, со хитот ,,Everything I do, I do it for you”.

Во Скопје прв пат одржа концерт во 2019 година, во Арена Борис Трајковски. Тогаш и се обрати на публиката со молба да ги спуштат мобилните телефони и да не гледаат во нив, туку да уживаат во шоуто.

-Дали дојдовте да гледате во телефоните или да слушате музика, ја праша публиката во првите редови, на скопскиот концерт пред шест години. На истиот, присуствуваа голем број на политичари.

Вики Клинчарова

Поврзани новости