По повод Меѓународниот ден на жените и девојките во науката, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со млади девојки од Македонија кои градат кариера во областа на науката, инженерството и технологијата. На средбата учествуваа добитнички на Инженерски прстен, како и девојки кои се дел од програмата Global Engineer Girls на Групацијата Лимак.
Овие млади жени, кои веќе се впуштиле во инженерството и научната дејност, ги споделија своите искуства, предизвици и успеси, истакнувајќи ја важноста на поддршката и можноста за учество во STEM областите. Средбата беше исполнета со инспиративни приказни, идеи и заеднички цели за промовирање на овие критични области меѓу младите жени во Македонија.
Министерката Божиновска истакна дека поддршката за зголемување на бројот на девојки и млади жени, посебно во инжинерството и областите енергетика и рударство, е една од приоритетните цели на министерството. Таа ги охрабри учесничките да продолжат да се трудат и да веруваат во своите способности, истакнувајќи дека жените имаат значаен удел во економскиот и општествениот напредок на државата.
„Македонија е една од ретките земји каде што бројот на жени истражувачи е над 50% од вкупниот број истражувачи, што е показател за огромниот потенцијал што го имаме. Меѓутоа, тоа не значи дека треба да застанеме – напротив, потребна е уште поголема поддршка за девојките и младите жени да се охрабрат и да ги следат своите интереси во науката, инженерството и енергетиката“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за идните иницијативи кои ќе ги поттикнуваат младите жени да се вклучат во STEM областите. Меѓу нив се и менторските програми и програмите за практикантство во државните институции и компании, како што се ЕСМ, МЕПСО, МЕМО – Македонската берза на струја, како и во рударскиот сектор. Овие програми имаат за цел да им овозможат на младите жени реално искуство и поддршка за нивниот професионален развој.
Учесничките ја потенцираа важноста од поголема видливост на успешните жени во науката и инженерството, како и потребата од заеднички иницијативи за популаризација на овие професии меѓу младите девојки. Тие изразија подготвеност за соработка со Министерството во промоција на STEM професиите со цел во иднина да има уште повеќе млади инженери и научници кои ќе придонесуваат за развојот на Македонија.
„Жените во науката и инженерството не се исклучок, туку правило што мора да се поддржи и унапреди. Полот не е пресуден за успех – квалитетот, трудот и посветеноста се клучните фактори. Наша обврска е да ги обезбедиме сите можности што ги заслужуваат“, истакна министерката Божиновска.
Меѓународниот ден на жените и девојките во науката, усвоен од Обединетите нации во 2015 година, има за цел да го истакне значењето на родовата еднаквост во СТЕМ професиите. Овој ден е потсетник дека светот не смее да биде лишен од потенцијалот, интелигенцијата и креативноста на жените, кои често се соочуваат со нееднаквости и предрасуди.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на унапредување на родовата рамноправност и активно ќе работи на создавање услови за зголемување на бројот на жени во енергетиката, инженерството и науката.