Божиновска пред „крвавиот четврток“ еден од собирите го нарече „вечер на ножеви“, а сега му стана советничка на Османи

by fokus

Валентина Божиновска, една од 26-те членови на Стратешкиот совет за надворешна политика, советодавно тело на Министерството за надворешни работи (МНР) во јавноста ќе остане запаметена по својот говор на собир пред Државната изборна комисија во 2016 година, кога собирот го нарече „вечер на ножевите“.

После 11 декември 2016, по предвремените парламентарни избори, поранешниот премиер Никола Груевски неколку недели по ред ги собираше членовите и симпатизерите пред ДИК за да докаже дека победата на изборите е негова и никој нема право да му ја земе.

На еден од тие собири, Божиновска, тогашна претседателка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи рече: – Да ги поздравам бранителите, оваа вечер е вечер на ножевите, оваа вечер е вечер или на разумот или на лудилото на еден човек. На последниот македонски предавник Зоран Заев … Ќе се случи еден ден во кој ќе кажеме „елате браќа и сестри да се собереме и да тргнеме, да видиме кој ќе ни биде цар, а кој шпион…рече тогаш Божиновска.

Токму овие собири беа увертира за протестите кои кулмираа со упадот во Собрание на 27 април 2017 година кога беа повредени пратеници и новинари. За дел од обвинетите има и правосилни пресуди, но за организаторите на овој настан се уште е во тек судењето.

Божиновска е поранешна пратеничка и поранешна директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, беше поддржувач на ВМРО-Народна партија, на Љубчо Георгиевски, но пред 2008 го промени партискиот дрес и стана приврзаник на Груевски. Освен ангажманите во политиката, Божиновска беше и македонска актерка.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости