Важна е поддршката од Соединетите Американски Држави (САД) во справувањето со енергетските предизвици. Односите меѓу двете земји се градат на цврсти основи на партнерство и меѓусебна доверба. Ова е заклучокот од денешната средба меѓу министерката за енергетика, рударство и минирални суровини Сања Божиновска и американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, која е дел континуираниот дијалог за енергетска соработка меѓу министерството и Амбасадата.
„На средбата се разговараше за зајакнување на соработката во областа на енергетиката, вклучително енергетската транзиција, подобрувањето на енергетската ефикасност и поддршката за обновливи извори на енергија“, се вели во соопштението од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Амбасадорката Агелер на средбата ја потврди заложбата на САД за понатамошно зајакнување на енергетската безбедност и стабилност во регионот.
„Ја нагласи и подготвеноста за поддршка на иницијативи што ќе придонесат за одржлив развој“, велат од ресорното министерство.
Оттаму велат дека средбата заврши со договор за продолжување на редовната комуникација за да реализираат поставените еприоритети, со цел дополнително да се унапреди билатералната соработка.