Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во Баку беше пречекана од својот колега, министерот за енергетика на Азербејџан, Парвиз Шахбазов, во рамки на официјалната посета посветена на унапредување на енергетската соработка меѓу двете земји.
На тет-а-тет средбата, која се одржа во Министерството за енергетика на Азербејџан, била истакната заедничката заложба за зајакнување на партнерството во областа на снабдување со гас. Разговорите се фокусирале на можностите за долгорочни договори за снабдување со гас, како и на потенцијални инвестиции во гасната инфраструктура во Македонија, пишува во соопштението од Министерството.
Македонија може да стане регионален центар за транспорт на гас, ние сме подготвени веднаш да се вклучиме во соработка на конкретни проекти и да ви понудиме и експертиза, но и сериозни можности за заеднички проекти доколку постои интерес и од ваша страна“, рекол министерот Шахбазов.
„Разговорите за зајакнување на нашето партнерство во областа на енергетиката отворија нови перспективи за Македонија. Се фокусиравме на конкретни чекори за создавање услови за снабдување со гас и можности за инвестиции во модернизација на нашата енергетска инфраструктура“ изјави Божиновска.
Шахбазов упатил и директна покана до министерката Божиновска да учествува на претстојниот министерски состанок на советодавниот совет за јужниот гасен коридор како и за третиот министерски состанок на советот за зелена енергија.
Божиновска ја потенцирала подготвеноста на Македонија за активна соработка во повеќе проекти што ќе обезбедат сигурност, одржливост и енергетска независност за земјата, нагласувајќи дека оваа средба претставува значаен чекор во насока на реализација на тие цели.
„Азербејџан ни нуди конкретна соработка која ќе ни помогне да се мапираме како сериозен регионален центар за транспорт на гас. Ова е нешто што би имало стратешко значење за енергетската иднина на нашата земја и би донело поволности и за економијата, но и за граѓаните. На ова сериозно ќе работиме и се надеваме на помошта од нашите меѓународни партнери“, изјавила Божиновска.
Посебен акцент бил ставен на можната соработка меѓу државната енергетска компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и азербејџанската државна нафтена компанија СОКАР.