За улогата на нашата земја во регионот како крстопат за трансфер на природен гас и електрична енергија, за тековните и идните проекти со Грција, за новите можности што се отвораат за размена на искуства и помош за нас од искуството во Република Кипар, но и за глобалната енергетска ситуација, говори министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска по нејзиното учество на 14-от Енергетски самит (Athens Energy Summit).
Пораката дека иако сме мала држава, сепак сме важен крстопат и треба да бидеме поврзани со сите соседи за да се обезбеди енергетска стабилност, министерката Божиновска ја упати и за време на Самитот.
За Божиновска ова беше прво учество на настан во Грција, а на маргините на конференцијата оствари одвоени средби со нејзиниот грчки колега, министерот за животна средина и енергетика Теодорос Скилакакас и со министерот за енергетика, трговија и индустрија на Република Кипар Јоргос Папанастасиу, од кои добила покани за нови билатерални средби во иднина.
Главната тема за која разговарале Божиновска и Скилакакис бил интерконекторот за природен гас што треба да ги поврзе двете земји, а министерката објаснува дека во секој момент се чека потврда од Европската инвестициона банка за да се потпише договор со операторот и да започне изградбата.
– Кај нас беше поништена постапката и имавме нова постапка, а многу важно за нас како држава е што цената е за 12 милиони поевтина од минатиот пат. Што се однесува до Номагас ги изврши сите проверки, ние од наша страна сè завршивме. Испратено е до Европската инвестициона банка и секој ден се очекува, деновиве или за една недела максимум, очекуваме потврда и да започнеме со потпишување на договорот за фирмата која е најуспешен економски оператор и да почнеме со изградба, затоа што се чека на нас, објасни министерката.
Додаде дека со нејзиниот грчки колега разговарале и за спојување на пазарите со електрична енергија.
– Тоа нас ни е приоритет, да се поврземе со нивната берза на електрична енергија, бидејќи тоа значи поврзување со земја-членка на ЕУ. Тоа за нас е многу важно и секако има многу грчки инвестиции во енергетиката, така да разменивме искуства, посочи Божиновска.