Божиновска: Ако има злоупотреби со ваучерите за клими ќе има санкции

by Fokus

Пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ денеска настанаа гужви, каде граѓаните ги чекаа ваучерите за инвертер-клима уредите.

Министерката за енергетика, Сања Божиновска пред новинарите изјави дека со цел да биде овозможена подобра распределба, денеска на 30 места во Македонија се доделуваат ваучерите, и тоа, во Скопје и Битола во спортските сали, а на останатите места ќе бидат во соработка со Агенцијата за вработување.

Таа очекува дека ќе нема злоупотреби со препродавање и дека сите граѓани што добиле ваучери ќе купат и ќе вградат инвертери во своите домови.

„Доколку некој прави нешто што е спротивно на законот, тоа ќе биде санкционирано. Меѓутоа, ние се надеваме дека ќе нема такви злоупотреби затоа што ова е за ранливи категории и за енергетска ефикасност“, рече Божиновска.

За реакциите од граѓаните во врска со доделувањето на ваучери со партиски врски, Божиновска изјави дека ги охрабрува сите што сметаат дека не бил во ред процесот да се обратат официјално до Министерството и тие ќе реагираат до правната служба.

Добитниците на ваучерите имаат 24 дена до крајниот рок од 30 ноември за да ги подигнат и купат клима-уредите.

Поврзани новости