Божикна порака на г.г. Стефан: Сите неприлики доаѓаат од моралната криза

by fokus

На овој спасоносен ден да си спомнеме за последниве тешки години, предизвикани од пандемијата, која покажа дека човекот е премал и немоќен да ѝ се спротивстави сам, порача архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија во својата божикна порака до православните верници.

– Сите неприлики и на современото човештво доаѓаат од моралната криза, од неа се раѓаат сите недоразбирања меѓу народите и од неа произлегуваат сите проблеми со кои секојдневно се сретнува и ова наше поколение. И ако годинашниов Божик го дочекуваме загрижени за здравствената состојба во светот, и за последиците од неа, да не го заборавиме ветувањето на Синот Божји дека Тој ќе биде со нас до крајот на светот, дека Божјата љубов е над сите искушенија и дека неможното за луѓето е можно за Бога.

Честитајќи ви го Божик, на сите чеда на Македонската Православна Црква, овде во Татковината и насекаде по светот, како и на сите луѓе со добра волја, ви посакуваме мир и изобилни дарови од Новородениот Богомладенец, поздравувајќи ве со радосниот поздрав: Христос се роди! Честито и благословено Новото Лето Господово!, стои во божиќната порака на г.г. Стефан.

Поврзани новости