Скопје е денеска трети по ред на листата на најзагадени градови во светот. Позагадени се само Мумбаи во Индија и Дака во Бангладеш.
Од Владата, пак, велат дека борбата против аерозагадувањето останува еден од врвните програмски приоритети и дека во континуитет се преземаат мерки за намалување на загаденоста.
Владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, на прашање од новинарите денеска изрази жалење што медиумите не се интересираат доволно за активностите на Владата во овој дел.
-Жал ми е што не сите медиуми ги следат тие активности. Минатата недела беше склучен договор во студентскиот дом „Кузман“, но за жал само еден медиум дојде – рече Бошњаковски мислејќи на меморандумот за соработка што го склучија студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ и АД БЕГ, а со кој студентскиот дом ќе го замени мазутот со приклучување на централното парно греење.
Бошњаковски додаде дека планот на Владата е во следните две години аерозагадувањето да биде значително намалено.
-Оставаме кој како сака да ги толкува работите. Времето се разбира затоплува, даѓа пролет, но не значи дека Владата запира со активностите. Планот за чист воздух има прецизни активности – додаде владиниот портпарол.