Владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, во интервју за МИА открива зошто ја прифатил работата како прв гласноговорник на премиерот Зоран Заев. Тој вели дека политиките на СДСМ се причина зошто влезе во светот на политиката.
-Севкупните политики што ги водеа претседателот Зоран Заев и СДСМ во времето додека беа опозиција и граѓанскиот аспект на целата таа борба беа во целосна усогласеност со моите лични убедувања. И ден-денес е така – вели тој.
Тој додава дека дневно Владата добива околу 30 прашања од новинарите, а успева да одговори на 80 отсто. Најмногу време, додава, се чека за барањата за интервју со Заев, кои што, вели, се во исклучително голем број.
Бошњаковски посочува дека Владата прави напори да ја подобри меѓусебната доверба со новинарите.
-Што значи дека во ниедна пригода Владата кон медиумите не се поставила од аспект на нарачател на некои медиумски текстови, како што бевме сведоци во минатото – вели тој.
На прашањето дали се покајал некогаш што ја презел улогата на владин портпарол тој вели:
-Без никаква дилема. Сите одлуки, политики и програми што ги имплементираме како Влада се во потполно равенство со моите лични ставови како граѓанин на нашата држава. Секогаш постои простор за унапредување на процесите како и подобрување, но фактот дека од почетокот на работата на оваа влада до ден денеска отвореноста и транспарентноста како принципи на делување остануваат непроменети е доволен показател дека ние како влада имаме целосно разбирање дека ние сме овде заради граѓаните – нагласува тој.