Бошлаф сурати

by Фокус

Недоветните марионетски и алчни бошлаф сурати веруваат дека за да бидат во новото време, мора да се понижени и изгазени од кукловодите. Во менгеме им се стегнати топките“, па не газ, туку држава и образ продаваат, само да се доберат или да останат на власт. Играат „пиперевка“, а народот свој апла го есапат за ретард.

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Трие баба лен, да ѝ мине ден! Израз што многу често се користи погрешно за означување работа од која нема никаква корист. Неговата суштина е во фактот што ленот се трие и натопува во долготраен и макотрпен процес на производство на ткаенини. Но, дури и таквата монотона работа на бабата не ѝ е здодевна, туку забавна, па на раат си го минува денот.

Фраземата е иманентна за сите досегашни македонски власти. Три во едно реторички прашања лебдат повеќе од триесет години:

Зошто, и покрај сите измами, лаги и неуспеси, секогаш победник е една од двете статус кво партии? Зошто избирачите се воодушевуваат од лажните ветувања на  ваквите „копита“ и „суровини“? Конечно, зошто им се идоли нивната дволичност, факманство и бошлафови?

ЕКСПЕРТИ ЗА СЀ

Токму тој доминантен број на партизирани клиентелисти, наместо активно да се вклучат во животот и критички да размислуваат, гувеат, гледаат сеир и мрчат. Таквиот сој народ рајатински креира неуредена полудржава, со постојано гласање за профанисани и политичари уценети од кукловодите.

Тој и таков народ е синоним за небиднината, бидејќи повеќе од три децении влече надолу. Своевидни флафери, чија должност е да помагаат на партиските картели за одржување на нивната ерекција.

Бошлаф сурати, како синоним за фарисеи, празнозборци, прикажувачи на бабини деветини и виран човеци. Истовремено и назив за лицемери, кои глумат нешто што не се, кочопери со високо мислење за себе, иако во суштина се лажливи и неискрени.

Голтари, кои се прикажуваат за богати, никаквеци што немаат блага врска од ништо, но од петни жили се преправаат дека се експерти за сѐ.

Типични бошлаф сурати се македонските политичари, кои продаваат рогови за свеќи, ветуваат сешто, а не исполнуваат ништо. Дури и такви „црни бисери“ да се згази од смеење, тресење зелени и мешање баби и жаби.

„Застава филм“ од измами и лаги, со кои го убиваат народот во поим. Како онаа на легендарниот Sинго, кој во мугрите на плурализмот на партиски митинг во едно испустено село на жителите во „трета доба“ им ветуваше дека ќе направи сѐ, па и „деца, ако треба ќе ви направиме“!

Или резилот и трагикомедијата со номинацијата за „Нобелов лауреат“ на муртинската Невестулка, која егзалтирано, без срам и перде, упатуваше бошлаф: „Пријателска Бугарија испрати многу пријателски пораки дека се грижи за Македонија. Ние сме братски народ, ние сме ист народ“.

Тој суртук се гордееше на договорите со Бугарија и Грција, од кои Македонците се срамат и ги презираат! Престолонаследникот Таче, пак, беше дабетер и оксиморонски глаголеше „Дојдовме до целосна политичка стабилност и неизвесност“!

ИГРААТ „ПИПЕРЕВКА“

Недоветните марионетски и алчни бошлаф сурати веруваат дека за да бидат во новото време, мора да се понижени и изгазени од кукловодите. Во менгеме им се стегнати „топките“, па не газ, туку држава и образ продаваат само да се доберат или да останат на власт. Играат „пиперевка“, а народот свој апла го есапат за ретард.

Македонизмот може да исчезне само ако самиот себе се уништи. На досегашните профанисани и рушвет сурати од брендот „како досега“, полесно им беше да го сменат името на државата и идентитетот, отколку да го сотрат бандитизмот. Прашање е што уште треба да се случи Македонија да се разбуди?

Ако таа е таква како што е, никаква, треба да се потсети дека сите предводници на владите од последната деценија на минатиот век до денес ич не се сакалдисуваа. Тие беа бројлери, кои „стратешките партнери“ ги хранеа, тимареа и кога ќе им дојдеше времето, курбан ги правеа.

Бадијала фрлања, дал искрени, дал лицемерни чифтиња за уставни измени, со или без одложено дејство. Голата и сурова реалност се виде по неодамнешната изјава на македонскиот премиер за нерешеното „Македонско прашање“, на што јужниот сосед бурно реагираше дека тоа било решено дефинитивно и неотповикливо.

Ќе биде според апсурдните протоколи, аминувани од домашните „државотворни“ родоотстапници и шиткачи со нивниот фолирантски македонизам и патриотизам, кој не е поскап од ручек со некој дипломат од „партнерска“ држава. Со кроце, со благо и со малку ќотек. Не може поинаку никако, така е пишано!

Поврзани новости