Бошко Стаменковски, шампионот во Пауерлифтинг, се врати во родната Македонска Каменица со злато од Нанси, Франција.
Тој учествуваше на Европското првенство во Пауерлифтинг и успеа да подигне 130 килограми во категоријата М2 бенч прес. Видеото од неговиот настап веќе стана доста популарно на социјалните мрежи, а шампионот пред да ги подигне тешките тегови како од шега, само кратко прокоментира – За Македонија.
Стаменковски е истакнат спортист кој редовно и носи злато на Македонија. Најчесто, негов спонзор на првенствата е рудникот Саса. Негова сестра е Соња Стаменкова, градоначалничка на Македонска Каменица.
Лани, кога таа го победи својот противкандидат Дарко Митевски од ВМРО ДПМНЕ на локалните избори, Бошко ни изјави дека многу се годее со неа.
-Јас работам како обезбедување, а сестра ми и покрај тоа што е дипломиран психолог, работи како медицинска сестра. Победи правдата, со плати од по 200 евра победивме милионер – ни кажа тогаш шампионот.
По враќањето во родниот град, тој ја прослави победата во Нанси, Франција, заедно со сестрата и со блиски пријатели.
Вики Клинчарова