Боросана, своевремено едни од најпопуларните женски сандали кои се произведуваа во ,,Борово” Хрватска, повторно се враќаат на модната сцена.
Удобните обувки, кои за прв пат се појавија на пазарот во 1968 година, за време на Евровизија 2022 ги носеше српската претставничка Констракта, и од тогаш нивната популарност повторно започна да расте.
Подзаборавените сандали биле креирани во соработка со ортопеди, чиј тим го предводел д-р Бранко Стриновиќ од Загреб. Биле наменски дизајнирани за жените работнички кои поминуваат долго време стоејќи, рачно изработени од платно, со отворени прсти и пета, на платформа.
Беа евтини и достапни, и првин се продаваа во темно сина, а потоа и во бела боја.
Меките и лесни сандали ги носеа фризерки, продавачки, медицински сестри, чистачки… Рекламата која беше снимена за нив гласеше – Работата е целодневен одмор во обувките боросана.
Во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век се произведувале дури и по 500.000 боросани годишно и беа еден вид на работна опрема.
Од 2007 година започнаа да се произведуваат во различни бои, но нивната популарност се тек на годините значително опадна.
Сепак, уникатните обувки го привлекле вниманието и на познатиот моден бренд Лакосте, кои пред десеттина години ги вметнаа во нивните есенски колекции.
Пред неколку години ,,Борово,, започна со производство на модерна верзија на боросана, наречена боромина, а по повод 85 години од постоењето на фабриката, најавија дека ќе продолжат со производство на редизајнирани боросани, бидејќи ретро стилот никогаш не излегува од мода.
На официјалната страница на фабриката боросана се продаваат по цена од 2.000 денари за оние со дизајн, и 1.500 денари за класичните модели.
Вики Клинчарова