Никола не е таков човек. Тоа се само лаги и шпекулации – ова е единствената изјава дадена од Боркица Груевска, во сите изминати 15 години откако јавноста ја запозна прво како партнерка, а потоа и сопруга на поранешниот премиер Никола Груевски.
Изјавата е всушност одговор на прашањето дали навистина Груевски бил насилен кон неа, објавена на почетокот на минатата година во Инфомакс, по гласините за семејно насилство.
Вчерашната вест која ја објави ,,Фокус”, дека Боркица Груевска пред Основниот граѓански суд во Скопје поднела барање за развод од побегнатиот премиер, одекна во јавноста, но сепак беше дочекана како нешто очекувано.
Парот живее разделено уште од ноември 2018 година, кога Груевски за да не оди во затвор побегна во Будимпешта, а пак Боркица заедно со нивните две ќерки Анастасија (15) и Софија (12) остана во Скопје.
Поранешната втора дама, и покрај тоа што нејзиниот сопруг беше на висока функција околу 12 години, секогаш стоеше подалеку од јавните збиднувања и единствено можеше да се види како придружба на Груевски. Остана нејасно дали по желба на сопругот, или пак самата така одлучила, но таа никогаш не се вклучи во општествените или граѓански иницијативи и активности и не даде ниту едно интервју, иако секое нејзино појавување беше интересно за јавноста.
Која е всушност Боркица и како започна нејзината љубов со Груевски, секогаш беше табу тема за која поранешниот премиер не сакаше да открива премногу детали.
Од она кое беше познато, таа го запознала Груевски на свои 22 години, набргу по неговиот развод од првата сопруга, пулмологот Сузана Арбутина.
Груевски се разведе од Арбутина по околу четири години брак, кон крајот на 2005 година, а по неколку месеци, летото 2006 година за прв пат ја покажа Боркица пред јавност, на концерт во Охрид.
Во тоа време, скромната девојка со темно руса коса имала зад себе пет години работен стаж како советничка во Секторот за меѓународна соработка во Комисијата за хартии од вредност, а искуството започнала да го собира уште како студентка на Правниот факултет, каде што и дипломирала.
Живеела во Тафталиџе со родителите и сестра и, а за мајка и се пишуваше дека работи во Народна банка на Македонија.
Боркица, или како што блиските ја нарекувале, Бока и Никола направија свадбена забава во хотелот Холидеј Ин, со околу 180 гости, во мај 2007 година. Тогаш таа имаше 24, а пак Никола 36 години.
Им свиреше оркестарот Џорлеви, а забавата ја започнаа со валцер со звуците на ,,На убавиот син Дунав”. Им кумуваше тогашниот вицепремиер Зоран Ставревски, а пак Сашо Мијалков им беше девер.
За венчалните бурми, тогаш од кабинетот на Груевски соопштија дека младенците ги купиле од златарски дуќан од Скопје по цена од околу 50 евра, а за венчаницата и оделото на младоженецот беше потенцирано дека се македонски производи.
Честитки по повод брачниот живот му упатија и политичките противници, тогашниот претседател Бранко Црвенковски, Радмила Шекеринска, Владо Бучковски…
Ќерките на парот беа родени во приватната болница Аџибадем Систина, Анастасија во 2007 година, а Софија три години подоцна. Иако тие денес се тинејџерки, за разлика од нивните врсници, немаат профили на социјалните мрежи, а последен пат беа забележани во јавност во јули 2018 година, само неколку месеци пред нивниот татко да побегне од земјата, а повод за појавувањето беше неговото докторирање на Економскиот факултет.
Боркица пак, во 2015 година стана магистер, односно ја одбранила магистерската теза на Филозофскиот факултет.
Иако речиси четири години живее во Будимпешта, Груевски е активен на социјалните мрежи и редовно се огласува по повод актуелните политички случувања во земјава.
Лани за него се откри дека регистрирал фирма во Пецел, мало гратче на околу 20 километри од Будимпешта, а според Унгарскиот Централен регистар на фирми, неговата фирма била регистрирана да врши трговија со порцелан, стакларија, средства за чистење, пијалоци, тутун и други стоки.
Вики Клинчарова