Во земјава лани беа регистрирани 988 новозаболени жени од рак на дојка и 316 смртни случаи, што значи дека смртноста е тука, иако бројките се намалени поради немањето термини, рече Биба Додева, претседателка на Здружението за борба против рак на дојка „Борка“, во пресрет на 14. Национална конференција насловена „Справување со предизвиците на рак на дојка“.
-Немаме пораст во бројките, имаме намалување, но дијагностиката е прв проблем. Не само во Македoнија, секаде во светот, скрининг програмите беа сопрени, дијагностичките програми беа стопирани и намалени сѐ до еден период лани кога се создадоа услови за такви дијагностички прегледи. Тоа ни покажува дека смртноста е тука, а паѓа брјоката на новозаболени. А не треба да е така, треба да се зголемува инциденцата, затоа што ракот е епидемија, раното откривање да се зголемува, а морталитетот да почнеме да го намалуваме, рече Додева.
На новинарски прашања дека пациенти со месеци не може да добијат термини за прегледи, Додева вели дека и во нормални услови имаме доцнење, за некој термин што треба да биде пократок и дека токму на тоа работи Здружението, да се скратат патеките, жените да не чекаат без разлика дали е ковид, да им се овозможи рана дијагностика. Особено за овој карцином.
-Во време на ковид, ги натеравме жените да плаќаат на приватно, поради немање термин, иако јавното здравство кај нас е на доста на високо ниво. Бесплатна е хемотерапијата, партиципацијата е 150 денари, но треба целото лекување да е бепслатно, смета таа.
Затоа, Додева апелира дека ракот на дојка не може да се превенира, може да се открие рано, а за да се открие рано, треба да им се овозможи на жените да имаат навремени прегледи. Да не чекаат на листите, вели таа, да не се чека за ехо преглед, да не се чека на мамографски преглед и скрининг програмите веќе во полн ек да започнат да се имплементираат секаде во општините.
Додева продолжува дека, доцното дијагностицирање е проблем кој произлегува од немањето термини и дека голем број на луѓе, кои поради страв, невакцинирани, страв да патуваат не ги прават навреме тие дијагностички процедури и тие истите овој период ќе се јават во веќе подоцен стадиум каде што и самиот третман е многу потежок.
-Затоа апелираме да се надмине оној проблем со закажување, радиологот да може веднаш да даде упат за биопсија, да се започне со скриниг програмите и секако мултидисциплинарниот пристап кој е еден од релевантните начини на лекување на ракот генерално, не само на ракот на дојка, конечно да може да се имплементира во Македонија, рече Додева.
Д-р Елизабета Ѓорѓиевска, сопруга на преседателот Стево Пендаровски, апелираше до жените почесто да се прегледуваат, да не се користи алкохол и тутун во големи количини, и дека од исклучително значење се здравата храна и физичката активност.