Бугарија најмногу сакаше нашите соседи од Република Северна Македонија, како и нашите пријатели од целиот Западен Балкан да влезат во ЕУ, рече премиерот Бојко Борисов за време на денешниот состанок на бугарската влада, пренесува БГНЕС.
Борисов потсети дека токму Бугарија ја поддржа Република Северна Македонија за нејзино членство во НАТО.
„Бевме исклучително добронамерни, загрижени и во разговорите што ги водевме со нив. Многу внимателно им објаснивме до каде можат да одат нашите компромиси“, рече Борисов, потсетувајќи дека е формирана заедничка историска комисија од експерти за решавање на спорните прашања со прецизни аргументи.
Борисов, исто така, рече дека биле водени десетици разговори, вклучително и со учество на вицепремиерите Захариева и Каракачанов, во потрага по компромиси, за Бугарија да не биде земјата што ќе каже „не“ за почеток на преговорите сега.
Тој изрази жалење што Скопје не покажало ангажираност и рече дека македонската страна сметала оти со притисок и лобирање може да ја натераат Бугарија да ја смени својата позиција.
„Нашата позиција не е позиција на тврдоглавост или позиција со цел да ги запреме нашите најблиски пријатели“, рече премиерот.
Според него, бугарската позиција е принципиелна и ги одразува очекувањата на сите бугарски граѓани.
„Подготвени сме да ги продолжиме разговорите“, додаде Борисов, нагласувајќи го ова со спроведувањето на Договорот за добрососедство.
Борисов истакна дека е категорично против употребата на антибугарска реторика.