Со изјавата на Слави Трифонов дека ќе предложи малцинска влада, тој реално не сака да направи влада, изјави поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов на денешниот брифинг со новинарите во седиштето на ГЕРБ.
Тој изрази сомнеж дека кабинетот предводен од Николај Василев би можел да ја добие поддршката од другите партии во парламентот. Предложениот мандатар, според Борисов е разумен човек, но не е ново лице во политиката, какво што се очекуваше да биде номинирано од партијата на Слави Трифонов.
Вели дека водењето малцинска влада, како што си замислил Трифонов ќе биде практично невозможно бидејќи за кусо време треба на пример да биде предложен буџетот за 2022 година, а за негово донесување има сложена процедура, во која до глас повеќе се стигнува тешко дури и кога владата има парламентарно мнозинство.
Според бившиот премиер, Трифонов требало да ги претстави своите приоритети пред останатите партии кои изборија учество во парламентот и да бара поддршка за одделни политики.
-Со својата изјава, лидерот на ИТН сака да се ослободи од политичката одговорност, особено затоа што тој самиот не е кандидат за ниту една од позициите во владата. Слави Трифонов само сака да си ги измие рацете со овие луѓе. Одговорноста се носи со потпис и лично, рече Даниел Митов, кој исто така учествуваше на брифингот на ГЕРБ.
Борисов неколку пати повтори дека воопшто не очекува ИТН да направи влада.
-Планот им е друг. Бојко Рашков (актуелниот прв човек на МВР н.з) да беснее на функцијата додека може, додека не исчепка се што може. Тоа е играта на Румен Радев. Да остане техничката влада на власт. Тоа е сценариото, изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов.
Бојко Борисов исто така соопшти дека ГЕРБ ќе предложат кабинет кој би го предводел премиер Даниел Митов. Тој беше нивен кандидат и по априлските избори, но откако не успеа да дојде до мнозинство, Митов го врати мандатот за состав на бугарската влада.