Влада составена од ГЕРБ-СДС и Промените продолжуваат – Демократска Бугарија е врвен приоритет, изјави утринава во бугарскиот Парламент лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов.
Борисов денеска се сретна со претседателката на БСП, Корнелија Нинова, која му соопштила дека двете најсилни коалиции застапени во парламентот се сосема доволни и затоа БСП нема да ги поддржи при изборот на Росен Желјазков за претседател на Народното собрание.
Борисов кажа дека одложувањето на изборот на претседател на Собранието е само од корист за преговорите меѓу двете најголеми коалиции. Тој најави дека денеска ќе се направат две работни групи од двете коалиции само за да го претресат прашањето за тоа каков буџет би бил одржлив за државата и сите закони за кои би се барало големо мнозинство.
-Подготвени сме на многу компромиси, но ова не е компромис. Во Романија има компромис за ротација на премиерите, има различни практики и затоа вчера толку трпеливо и внимателно формулиравме дека меѓу толку непријателски -не само лидери, туку и поддржувачи, е потребно време, па затоа и одложувањето на изборот на претседателотна Собранието е многу корисно, за да може да се добие време – изјави Борисов.
Инаку, Промените Продолжуваат предводена од поранешниот премиер Кирил Петков беше најголем ривал на ГЕРБ, но фактот што ниту една од нив не е во состојба сама да формира мнозинство ги турка кон заедничко владеење.