Долгогодишниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов, нема да се кандидира за премиерската функција и има намера да предложи кандидат за претседател на идната влада на земјата кој има јасна европска и НАТО ориентација. Оваа изјава Борисов денеска ја даде при посетата на Велико Трново.
-Звучи нескромно, но денес нема подобро подготвен премиер од мене. И не случајно ние сме првата политичка сила на петти по ред парламентарни избори. Но, како и да е, многу луѓе сакаат да бидам јас премиер, но јас секогаш верував дека тоа обединување ја прави силата. Сметам дека јас, како што прави претседателот Радев, не треба да ја делам нацијата на два дела, затоа ќе предложам друг кандидат за премиер од нашата партија со ориентација кон Европа и НАТО, рече Борисов и додаде дека за формирање влада, согласно Уставот, има една недела време.
Борисов информираше дека во предлогот за новата влада ќе има и стари и нови министри и ги повика сите партии во парламентот на одговорност.
Во меѓувреме партиски извори за софиски „24 часа“ потврдија дека ГЕРБ ќе го предложат Даниел Митов за нов премиер.
Токму Митов, кој во Министерството за надворешни работи влезе како човек на Реформаторскиот блок, како министер поддржуваше јасна проевропска и про-НАТО- ориентација.
Даниел Митов на 6 август 2014 година беше предложен од тогашниот претседател Росен Плевнелиев за министер за надворешни работи во техничката влада на Георги Близнашки. Својата позиција како заменик министер ја задржа и во вториот кабинет на Борисов, а притоа му се приклучи на ГЕРБ и стана пратеник од неговите редови на последните парламентарни избори.