Не стивнуваат реакциите во Бугарија откако вчера премиерот Бојко Борисов го обвини претседателот Румен Радев дека го шпионира со дрон, по објавувањето фотографии од лидерот на конзервативната „Граѓани за европски развој на Бугарија“ (ГЕРБ) како спие полугол во спална.
Радев, кој ја има поддршката на Бугарска социјалистичка партија (БСП), се очекува денеска да одговори на обвинувањата дека опозицијата се обидува да ја компромитира Владата на Борисов со цел да да се блокира подлабока интеграција на земјата во ЕУ.
Во меѓувреме, во земјата не стивнуваат реакциите. Сопратијците на Борисов изразија згрозеност од потегот, додека оние од страната на Радев се прашуваат зошто воопшто некој тајно би го сликал бугарскиот премиер додека спие.
– Претседателот се подготвува да ни прави лоши работи. Очигледно, тие не можат да нè победат на избори, затоа ќе бидам буден. Претседателот Радев ја премина границата и си дозволува да крене беспилотно летало и да ме фотографира, рече Борисов.