Можеби е време бугарскиот претседател да свика ново заседание на Консултативниот совет за национална безбедност за да се разјасни позицијата на Бугарија кон Република Северна Македонија, изјави заменик-координаторот на Пратеничката група на Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и Сојузот на демократските сили (СДС) во бугарското Собрание, Тома Биков.
– Мора да имаме заеднички став. Се гледа дека има некакво колебање и сигналите што ги испраќаме кон надвор не се добри, изјави Биков за Бугарското национално радио (БНР).
Биков е дециден дека нема промена на бугарската позиција кон Северна Македонија, додавајќи дека ако „некој тврди поинаку, си дозволил да лаже“.
– Тоа ќе се одрази на патот на Република Северна Македонија кон ЕУ, за кој сите партии велат дека го поддржуваат, доколку Северна Македонија исполни одредени услови, изјави пратеникот на партијата ГЕРБ, чиј лидер е поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов.
Сепак, според Биков, ако дошло до промени во бугарската позиција, тој што го сторил тоа го минирал процесот на проширување на ЕУ, кој е „многу поважен од тоа дали Бугарија ќе ја пушти Република Северна Македонија“.