Големата сала во спортскиот центар Борис Трајковски, А1 Арена е подготвена за почетокот на масовната вакцинација којашто ќе започне во понеделник со руската вакцина „Спутник В“ и прво ќе се вакцинираат вработените во МВР, АРМ, медиумски работници, судовите, возачите на автобуси, пожарникарите, воспитувачки во градинките и вработените на патарините.
Приоритетот во овие групи ќе зависи од староста и хроничните болести.
Министерот за здравство, Венко Филипче вели дека за во понеделник се закажани нешто помалку од 3.000 термини и вели дека за почеток во просек се планира да се вакцинираат по 4.000 луѓе на ден, а понатаму и 7.000 граѓани на ден.
Иако добивме вакцини и почна вакцинацијата на лицата над 77 години, сепак викендов пунктовите во здравствените домови се затворени и овој викенд е изгубен иако салата се спремаше од пред една недела, а пред два дена стигнаа вакцините „Спутник В“.
Министерот вели дека кога ќе почне масовната имунизација седум дена во неделата ќе се вакцинираат граѓаните. Неговото образложение за овој викенд, е тоа што ова е нов систем и битно им било добро да се постави и да профункционира за понатаму да нема хаотични ситуации.
Тврди дека иако за вакцинација ќе бидат ангажирани здравствени работници, работата со заразените нема да биде компромитирана.
Соопшти дека овој месец ги очекуваме и останатите дози вакцини и секоја количина, рече, точно ќе се знае каде ќе оди. За вакцините на АстраЗенека се чека официјална одлука од Бордот на ЕМА. Засега се аплицира само кај постари граѓани и досега официјално не е пријавен ниту еден несакан ефект, исто како и од другите вакцини што се даваат. Единствен проблематичен случај е со 28-годишната девојка кај која се појавила тромбоза на вена на окото по примањето на АстраЗенака.
Во земјава последно стигнаа руските вакцини и со нив ќе бидат вакцинирани приортитетните групи кои имаат зголемени контакти, а со вакцините на АстраЗенека се вакцинираат граѓаните над 77 години и лицата со хронични болести.