Поранешниот британски премиер Борис Џонсон тврди дека по посетата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред неколку години, пронашол апарат за прислушување во неговата бања, пренесува dpa.
Џонсон вели дека неговиот безбедносен тим го пронашол уредот за време на проверка на бањата по посетата на израелскиот премиер во 2017 година, кога тој беше министер за надворешни работи. Поранешниот конзервативен лидер во своите мемоари напиша дека Нетанјаху се оправдувал за време на состанокот да оди во тоалет.
„Случајно или не, ми беше кажано дека подоцна, при редовна потрага по „бубачки“, уредот бил пронајден во тоалетот“, пишува Џонсон во своите мемоари „Unleashed“, кои треба да излезат на 10 октомври.
Не е познато дали израелската влада била информирана за инцидентот.
Џонсон ќе зборува повеќе за откритијата од неговите мемоари во интервју за ITV утре вечер. Интервјуто што требаше да го има Би-Би-Си со Џонсон вечерва беше откажано бидејќи водителката Лаура Куенсберг случајно му ги испратила на поранешниот премиер нејзините подготвителни белешки.