Борел со предлог како да се избегне некоја земја да го блокира користењето на замрзнатите руски пари

by Fokus

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, истакна дека рускиот претседател Владимир Путин се подготвува за долга војна и предупреди на можноста конфликтот на Блискиот Исток да се прошири и во Либан откако либанскиот Хезболах, кој го поддржува Иран, се закани да го нападне Кипар, пренесуваат медиумите во регионот.

Кога станува збор за Украина, Борел, по пристигнувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург, рече дека ќе претстави предлог како да се избегне која било земја членка да го блокира користењето на приходите од замрзнатите руски финансиски ресурси за поддршка на Украина. Тој додаде дека поддршката на ЕУ за Украина мора да се зголеми.

„Имаме приходи од замрзнати средства и мораме да бараме начин да ги искористиме избегнувајќи каква било блокада“, изјави Борел за новинарите.

Тој додаде дека првата транша пари ќе пристигне следната недела, а втората неколку месеци подоцна.

„Не можете да ги чувате овие пари. Тои мора да се користат. Имаме законска процедура да избегнеме каква било блокада“, рече Борел.

Тој оцени дека е очигледно оти рускиот претседател се подготвува за долга војна бидејќи, како што наведе, по самитот во Швајцарија, Путин патува во Северна Кореја, патува секаде каде што може да набави оружје. Тој додаде дека на средбата на дипломатите на ЕУ ќе се разговара за ситуацијата на Блискиот Исток и Појасот Газа и посочи дека тој и комесарот Јанез Ленарчиќ укажале дека испораката на хуманитарна помош за Газа станала невозможна.

Шефот на европската дипломатија нагласи дека на состанокот на Советот на ЕУ за надворешни работи во Луксембург ќе се разговара и за ситуацијата во Грузија.

Поврзани новости