Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, денеска изјави дека тоа што се случува во Авганистан е катастрофа за авганистанскиот народ, за европските вредности, довербата во Западот и за развојот на меѓународните односи.
Пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, Борел откри дека западните разузнавачки служби не веруваа дека е можен толку брз колапс на режимот во Кабул, наведувајќи дека ниту талибанците не веруваа во тоа.
-Западот во Авганистан веќе 20 години водеше битка против исламскиот тероризам од страна на Ал Каеда и талибанците, но, исто така, направи напори да изгради модерна држава од таа земја – рече Борел.
Тој пред европратениците од комисијата кажа дека американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Американците и западните сојузници не отишле да „градат општествено уредување“, туку да го уништат тероризмот во Авганистан.
-Па, добро, дали е тоа убедливо, праша Борел, нагласувајќи дека Западот се обиде да изгради општество во таа земја во кое ќе се почитуваат законот, човековите права и слободи, особено на жените и малцинствата.
Тој додаде дека е факт дека Западот постигна успех во борбата против светскиот тероризам, но тоа не го стори во вториот дел од својата мисија.