Секој повик за нуклеарна војна е неодговорен, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел во врска со одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ја промени руската нуклеарна доктрина, што значи дека отсега Русија го задржува правото да користи нуклеарно оружје во случај на агресија против неa.
На прес-конференција во Брисел, по состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ за одбрана, Борел го осуди секое спомнување на употреба на нуклеарно оружје.
„Не е првпат да се закануваат со нуклеарна ескалација, што е целосно неодговорно. Русија го прифати принципот дека нуклеарна војна не може да се добие и дека никогаш не смее да се води. Секој повик за нуклеарна војна е неодговорен. Мораме тоа да го наречеме како што е“, одговори Борел на новинарско прашање за одлуката на Путин да ја промени руската нуклеарна доктрина.