Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика, Жозеп Борел ќе присуствува на денешниот самит на Европскиот совет на кој ќе се расправа за доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина.
По тој повод, пред средбата, Борел зборуваше за состојбите во Западен Балкан и се осврна на доделувањето кандидатски статус на БиХ.
„Навистина се надевам дека на денешната средба лидерите ќе се договорат за доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина. Силно ја поддржувам таа одлука. Тоа би бил многу важен чекор за земјата, на нејзиниот пат кон исполнување на реформите, но и важен чекор за целиот регион“, рече Борел.
Шефот на европската дипломатија се осврна и на ситуацијата во Косово.
„Ќе ги информирам лидерите за ситуацијата во Косово и за разговорите со Белград и Приштина и ќе повикам на мир и дијалог. Тоа е единствениот начин за европската перспектива на Косово и Србија. Важно е да се отстранат барикадите и да се посветиме на дијалогот“, порача Борел.