324
Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, денеска на Твитер објави дека разговарал со министрите за надворешни работи на групата Г7 за ситуацијата во Русија и дека ги продолжува разговорите со министрите во ЕУ.
„Пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во понеделник, ги координирам напорите во Унијата и го активирав центарот за одговор на кризи. Продолжуваме со несмалена поддршка за Украина“, рече Борел.
Рускиот претседател Владимир Путин утринава изјави дека ќе го скрши „вооружениот бунт“ откако приватната војска на рускиот платеник Евгениј Пригожин ја презеде контролата врз јужниот град Ростов во обид да го собори руското воено раководство.