Рускиот претседател Владимир Путин „ќе мора да одговара“ за смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални, изјави денеска во Брисел високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, по средбата со вдовицата на Навални.
„Го изразивме најдлабокото сочувство на ЕУ на Јулија Навални. Владимир Путин и неговиот режим ќе треба да одговараат за смртта на Алексеј Навални“, изјави Борел по средбата со госпоѓа Навални.
„Како што рече Јулија, Русија не е Путин, а Путин не е Русија“, рече Борел.
Министрите станаа и и дадоа долг аплауз на вдовицата на противникот од Кремљ на крајот од нејзиниот краток говор, додаде Борел.
Според дипломатски извори, Јулија Навални им ја потврдила на министрите својата посветеност за продолжување на борбата против режимот што доведе до смрт на нејзиниот сопруг.
„Алексеј Навални беше херој, а тој умре како херој“, рече таа и побара ЕУ да биде насочена кон опкружувањето на Владимир Путин и „корумпираните олигарси“ кои го поддржуваат со казнени мерки.
Неколку министри денеска пред почетокот на состанокот се заложија за воведување дополнителни санкции против Русија.