Шефот за надворешна политика на Европската унија предупреди дека Блискиот Исток стои „на работ на карпата“ и повика на деескалација во конфликтот меѓу Израел и Иран.
„Ние сме на работ на карпата и мораме да се оддалечиме од неа“, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, за шпанското радио „Онда Серо“. „Мораме да газиме на сопирачките и да ја смениме брзината во рикверц“.
Борел рече дека очекува одговор од Израел на невидениот воздушен напад од Иран, но се надева дека тоа нема да предизвика дополнителна ескалација.
Иран лансираше стотици беспилотни летала и проектили кон Израел во саботата вечерта, како одговор на нападот врз конзулатот на Техеран во Дамаск, во кој загинаа седум офицери на Иранската револуционерна гарда, вклучително и двајца високи команданти, а за кој напад го обвини Израел.
Израел пак, ниту ја потврди ниту ја отфрли одговорноста за воздушниот напад на 1 април врз конзулатот во главниот град на Сирија.
Тој рече дека има „длабока поделба“ во израелската десничарска владина коалиција меѓу тврдокорните кои бараат жестока одмазда и „поумерена и разумна“ фракција.
Таа фракција се залага за одмазда, рече Борел, „но на начин што избегнува одговор на одговорот“.
„Во интерес на сите е Иран да не стане нуклеарна сила и Блискиот Исток да биде смирен“, рече тој.
Борел, кој разговараше со иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан доцна во неделата, рече дека ЕУ треба да има најдобри можни односи со Иран и покрај санкциите што блокот ги воведе на Исламската Република поради нејзината спорна програма за нуклеарна енергија и други прашања.