Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска повика на независна истрага за израелскиот напад врз училиштето UNRWA во кампот Нусејрат во Газа, во согласност со пресудата на Меѓународниот суд на правдата (МСП ).
Тој ги повика Хамас и Израел да го прифатат предлогот на САД за трифазен прекин на огнот.
„Извештаите што доаѓаат од Газа покажуваат дека насилството и страдањето продолжуваат да бидат единствената реалност за стотици илјади невини цивили. Трајниот прекин на огнот е единствениот начин да се заштитат цивилите и да се постигне итно ослободување на сите заложници“, рече Борел.
Помеѓу 35 и 45 лица загинаа во израелскиот напад врз училиштето на Обединетите нации во Нусејрат во центарот на Газа, изјави претходно денеска директорката за комуникации на УНРВА, Џулиет Тума.
Израел постојано го обвинува Хамас дека ги користи училиштата и другите цивилни објекти во Појасот Газа за терористички активности.
Шефот на Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци (УНРВА), Филип Лазарини, објави дека израелската армија не ја предупредила УНРВА пред нападот на училиштето во кампот Нусејрат, каде засолниште побарале 6.000 луѓе.