Нема оправдување за израелското гранатирање на мировните позиции на ОН во Либан, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел.
– Во Либан опасно е помината уште една црвена линија, израелските сили пукаат во мировниците на ОН чии позиции биле познати. Го осудуваме овој неприфатлив чин за кој не може да има оправдување – напиша Борел на платформата Х.
Тој ја изрази својата целосна поддршка за мисијата и персоналот на ОН во Либан.
– Секој намерен напад врз мировниците е сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право и резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН. Израел има обврска да ги почитува и двете. Се бара целосна одговорност – предупреди Борел.
Базите на привремените сили на ОН во Либан, лоцирани на југот на земјата на границата со Израел, синоќа беа под оган од израелската армија.
Двајца мировници од индонезискиот контингент се повредени.
Мета беа две италијански бази и една база под контрола на Индонезија. Италијанскиот воен персонал не е повреден, потврди Министерството за одбрана на земјата.