Кина не може да биде посредник во мировните преговори во војната во Украина, но може да го олесни постигнувањето договор со Русија, изјави денеска шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.
„Кина не прави разлика меѓу агресорот и жртвата на агресија“, додаде Борел на панел одржан во шпанската престолнина Мадрид, пренесе Ројтерс, јавува Танјуг.
Рускиот претседател најави дека внимателно го проучил кинескиот план за решавање на кризата во Украина.
При неодамнешната посета на Москва, кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека активно се залага за обновување на мировните преговори меѓу Москва и Киев.
– Минатиот месец Кина ја објави позицијата на Кина за политичкото решение на украинската криза. Би сакал да нагласам дека во ова решение цврсто се водиме од целите и принципите на Повелбата на ОН, се придржуваме до објективен и непристрасен став и активно промовираме помирување и продолжување на преговорите. Нашиот став се заснова на самата суштина на прашањето и на вистината. Ние секогаш сме за мир и дијалог, цврсто стоиме на вистинската страна на историјата – рече Си Џинпинг.