Израел ја продолжува својата воена акција во јужниот дел на Појасот Газа и покрај пресудата на Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој го повика веднаш да ги прекине нападите, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
Тој посочи дека одлуката на МСП мора да се имплементира и додаде дека ќе почне да се работи на донесување политичка одлука за започнување посветена мисија за помош на ЕУ на граничниот премин Рафах меѓу Газа и Египет, пренесува Ројтерс.
МСП во петокот му нареди на Израел, веднаш да ја прекине воената операција во Рафах, како и да отвори граничен премин во тој град со Египет за да овозможи прилив на повеќе хуманитарна помош.
Од друга страна, неколку израелски претставници изјавија дека наредбата на МСП остава простор за воени операции во тој град.
„Она што тие од нас бараат е да не се врши геноцид во Рафа. Ние не извршивме геноцид и нема да извршиме геноцид“, изјави советникот за национална безбедност на израелскиот премиер Цачи Ханегби.
Тој посочи дека Израел, според меѓународното право, има право на самоодбрана и дека пресудата на МСП не го негира тоа.
Друг неименуван израелски функционер рече дека пресудата на МПС „не е целосна наредба“ и е формулирана да не ги отфрли сите воени операции.