Шефот на дипломатијата на Европската Унија Жосеп Борел кажа дека одлуката на ЕУ на граѓаните на Косово од 1 јануари да им овозможи безвизен режим во шенгенскиот простор е „историска“ и порача дека таа носи значителна корист на Косово и на Унијата.
„На сила стапува историската одлука на ЕУ. Граѓаните на Косово од денес можат да патуваат во ЕУ без визи. Ова носи значителна корист и на Косово и на ЕУ“, објави Борел на социјалната мрежа Икс.
Тој истакна дека целиот Западен Балкан „со визната либерализација е поврзан со шенгенскиот простор“.
Со одлуката за визна либерализација граѓаните на Косово од денес во Шенген зоната можат да престојуваат најмногу 90 дена во рок од шест месеци без визи, по што во следните шест месеци не можат да влезат во таа зона.
На крајот на 2023 година, ЕУ на својот официјален сајт објасни дека патниците од Косово можат да влегуваат повеќе пати во рок од шест месеци во Шенген зоната, но најдолго во траење од деведесет дена.