Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел изјави дека потенцијалните кандидати за членство во ЕУ треба да работат на реформи во клучните области за побрза интеграција.
По повод усвојувањето на Пакетот за проширување за 2021 година, кој ги вклучува годишните извештаи на Европската комисија за напредокот на земјите кандидати и потенцијалните кандидати за членство во Унијата, Борел истакна дека е неопходно да се одржи „кредибилен процес на проширување“.
– Тоа е двонасочна улица: новата методологија е пристап базиран на заслуги. Таа става поголем фокус на реформите во основните области, како што се владеењето на правото, основните слободи, економијата и функционирањето на демократските институции, додаде Борел.
Тој нагласи дека европските партнери, кандидати и потенцијални кандидати за членство „треба да се осврнат“ кон тие реформи, во интерес на граѓаните, и да ги остават настрана меѓусебните разлики.
– Од страна на ЕУ, ние треба да ги исполниме нашите обврски. ЕУ не е комплетна без Западен Балкан. Време е да се обединиме во изградбата на посилна Европа, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.