Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти добиле покана од шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, да дојдат во Брисел и да го продолжат дијалогот за сите отворени прашања, потврдија извори во Брисел за Радио Слободна Европа.
Повикот дојде во време на зголемени тензии во Косово, кои настанаа откако Србите на северот на Косово ги блокираа патиштата кон граничните премини со Србија, Јариње и Брњак.
Блокадите беа воспоставени во недела, на 31 јули, ден пред да стапат на сила одлуките на косовската Влада за издавање документи за влез-излез за српските државјани кои влегуваат во Косово и за промена на српските регистарски таблички.
По дипломатската интервенција на Вашингтон, Владата најави дека ќе го одложи спроведувањето на одлуките кога ќе се отстранат блокадите.